IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Спорт > Останати спортови
  Активни теми Активни теми RSS - Занимливости - останати спортови
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Занимливости - останати спортови

 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1234>
Автор
Порака Обратен редослед
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 29.Јануари.2011 во 20:44

ТОП 5 НАЈДОЛГОВЕЧНИ ТРЕНЕРИ

Наградно прашање за милион: кој бил тренер на Манчестер јунајтед пред сер Алекс Фергусон? Па, иако веќе 25 години на оваа функција, Шкотланѓанецот е само на половина пат од времето што Ги Ру го има поминато на клупата на Оксер. Тренерската професија не трпи неуспеси и секој нареден натпревар е квалификациски за опстанок на жешката клупа. Тренерските судбини затоа се менуваат преку ноќ. Освен, ако не се викате Фергусон или Ру.

1. Владимир Радиќ

Голем број врвни тренерски имиња седеа на клупата на (Кометал) Ѓорче Петров, но само професорот Радиќ има статус на вистинска легенда. Се менуваа Каменица, Маковеј, Панов, Петковиќ, Евтушенко..., а тој остануваше во стручниот штаб, макар и како нивна десна рака. И така цели 25 години, почнувајќи таму некаде во 1982 година: од маалските, до ѕвездените моменти, обележани со освојувањето на Лигата на шампионите.

2. Кире Ричлиев

Во македонскиот спорт нема биографија како на Ричлиев. Докажаниот творец на одбојкарски таленти во својата 36-годишна кариера ги напуштил родниот град и матичниот клуб Струмица само на половина сезона, на кратко заминувајќи на Косово. Ричлиев годинава прославува јубилеј две децении работа во тимот на Струмица, кој по фузијата со Македонија Џио стана Џио Струмица.

3. Јошко Миленковски

Ретко кој тренер може да се пофали со таква верност кон еден клуб и, истовремено, со таква низа на успешност. Миленковски го претвори Работнички Фершпед во најтрофеен одбојкарски колектив во регионот, неприкосновено предводејќи го до 30-ина титули за период од 17 години. Сето тоа некако пребрзо се растури кога екипата ја напушти долгогодишниот спонзор, а Миленковски се пресели во Тунис.

4. Светислав Костовски

Е, тоа се вика упорност и трпение! Темпераментниот тренер на кошаркарките на Младинец 15 години немоќно гледаше како Вигор, Тиквеш, Кимико и други ривали се китат со титули, но не губеше надеж и желба. Своите пет минути слава ги доживеа на крајот на минатата сезона, кога екипата од Драчево ја одведе до првата шампионска круна. Имало нешто во изразот "кој чека, ќе дочека". Макар било тоа и 15 години.

5. Васко Скендеровски

Да се биде селектор на најдобрата фудбалска национална селекција значи секој потег да биде под посебен скенер на јавноста. Како селектор на нашата репрезентација во мал фудбал, Скендеровски дефинитивно не трпи ниво на стрес и притисок како Мирсад Јонуз, па не чуди што ја врши оваа функција веќе полни девет години. Тоа го прави најдолготраен селектор во македонскиот фудбал досега.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 22.Јануари.2011 во 20:16

ТОП 5 НЕИСКОРИСТЕНИ ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТИ

Правило е репрезентативниот дрес да биде отскочна штица за кариерата на секој спортист, ама во услови кога европскиот фудбалски пазар е презаситен, до добар трансфер се потешко се доаѓа. Македонските фудбалери се особено нетрпеливи да го напуштат слабото домашно првенство, па трансфери по секоја цена се далеку побројни од оние кои би го зголемиле реномето на нашиот фудбал. Затоа наши таленти неретко завршуваат и се губат во потпросечни клубови и лиги.

1. Горан Славковски

Од најмлад дебитант на Интер во Серија А до резервниот тим на германскиот второлигаш Бохум, тоа е сурово надолниот тренд во кариерата на фудбалерот кој беше најавуван како новиот Златан Ибрахимовиќ. Откако Македонија се избори за неговите услуги, 21-годишниот Славковски забележа три настапи за нашата млада репрезентација, а најновите информации кажуваат дека сега бара нов почеток во родната Шведска.

2. Филип Маџовски

Како 21-годишен чувар на мрежата на Работнички стигна до дресот со број еден во македонската фудбалска репрезентација, но на трите одиграни средби, сите од квалификациите за СП 2006, прими вкупно десет гола. Сметајќи дека по епизодите во Милано и Вардар ја надраснал нашата Прва лига, Маџовски замина во далечниот Виетнам. Ако на некого му значи нешто, името на клубот е Џонг Там Лонг Ан.

3. Агим Ибраими

Не така одамна најдобриот млад фудбалер во Македонија имаше бомбастично деби за националниот тим на пријателската средба со Шпанија, кога веќе градеше интернационална кариера во дресот на Олимпија од Љубљана. Оттаму беше присилен да си оди поради губење на работната дозвола, па се пресели во турскиот суперлигаш Ескишехирспор. И таму не се изнаигра есеноска.

4. Сашко Пандев

Поранешниот капитен на младата селекција на Македонија загуби доста драгоцено време од кариерата со раниот трансфер во Динамо Загреб. Таму тешко доаѓаше до место во првиот тим, па за тие пет сезони, главно, беше отстапуван на други екипи (Интер Запрешиќ, Меѓимурје, Работнички, Турново). Прашање е колку трансфер во клуб како Муган може да ја поттурне неговата кариера. Муган, инаку, е од Азербејџан.

5. Зоран Балдовалиев

Играчот кој и припаѓа на генерацијата струмички бисери Пандев, Стојков, Попов... никогаш не се трансформираше во стандарден репрезентативец и застана на само четири настапи. Можеби, зашто кариерата го водеше низ втората лига на европскиот фудбал, од Словенија преку Азербејџан, Летонија и Бугарија до Израел, каде што му помогна на Хапоел од Кирјат Шмона да стане прволигаш

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 15.Јануари.2011 во 14:37

ТОП 5 анонимни фудбалски репрезентативци

 

Околу 200 играчи продефилираа низ македонскиот фудбалски национален тим од неговиот прв натпревар во 1993 година. Селекторите постојано беа во потрага по репрезентативци низ целиот свет, водејќи се од идејата дека секој заслужува шанса. Гоце Седлоски е единствениот кој стигна до бројката од 100 одиграни натпревари, но далеку помногубројни се оние чие репрезентативно искуство се сведува на деби или на некој меч повеќе од тоа.

1. Бирол Топчиу

Вториот и засега последен фудбалер (по голманот на Охрид Данчо Целески) кој влегол во репрезентацијата директно од второлигашка македонска екипа. Топчиу беше член на Гостивар, кога селекторот Дончевски го повика за пријателскиот меч со Бугарија во 1995 година, на кој, всушност, настапија само играчи од домашното првенство. Исто како и неколку месеци подоцна против Турција во Истанбул.

2. Перица Станчески

Актуелниот селектор Мирсад Јонуз не и објасни на македонската јавност како нашол репрезентативец во екипа како Борац Бања Лука. Роден во Белград, Станчески (25) потекнува од Партизан, но ние се сетивме на него дури на крајот на минатата година, кога во последен момент влета како замена за Владе Лазаревски за потребите на пријателскиот натпревар со Кина, на кој, рака на срце, испративме Б-тим.

3. Дарко Крстески

Иако зад себе имаше две сезони во дресот на Црвена звезда, каде што дојде од редовите на прилепска Победа, овој централен дефанзивец стана интересен за нашиот национален тим како член на Сутјеска од Никшиќ. Единствениот настап во дресот на Македонија го забележа на турнирот во Варна во лето 2000 година, кој не се води како официјален, по што беше заборавен.

4. Дејан Милошевски

Барајќи нови, квалитетни решенија за средниот ред, селекторот Сречко Катанец се сврте кон Литванија, од кадешто доаѓаа вести за одличните партии на поранешниот играч на Цементарница во дресот на Ветра. Тестиран на пријателската средба со Црна Гора, Милошевски не се снајде најдобро, па неговата репрезентативна кариера вкупно траеше 45 минути. Денес е во Полска.

5. Јурица Силјаноски

Охриѓанецот мина низ редовите на АЗ Алкмар и Баерн Минхен, пред да биде откриен од селекторот Ѓоре Јовановски во 2001 г. во дресот на шведски Елфсборг. Иако одигра пет средби по ред, постигнувајќи и гол против Бахреин, Силјаноски бргу излезе од фокусот. Статусот на репрезентативец и не беше некој импулс за неговата кариера, бидејќи потоа направи трансфер во романски второлигаш, а денес живее и игра во Австралија.


Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 26.Декември.2010 во 06:56

ТОП 5 ТРАНСФЕРИ ВО 2010 ГОДИНА

Македонските спортисти ниту оваа година не брилјираа на трансфер-пазарот. Во најдобрите европски лиги во кој било спорт толку тешко се влегува, што како ветени земји се издвоија Азербејџан, Кипар, Полска, Чешка, Романија..., што и не е за некоја пофалба. Тоа е доказ и за нискиот рејтинг на македонскиот спорт во европски рамки, па кога некој ќе премине во клуб како Интер или Сиудад Реал, тоа е рамно на национална сензација.

1. Пандев во Интер

Долгоочекуваното заминување на најдобриот македонски фудбалер од Лацио, конечно, се случи во првите денови на јануари, кога беше слободен да избере каде ќе оди. Повикот на Жозе Мурињо не се одбива и Пандев на 4 јануари стави потпис на четири и полгодишен договор со Интер. Тоа беше полн погодок, бидејќи до крајот на годината, Пандев и Интер беа побогати за цели пет титули.

2. Лазаров во Сиудад Реал

Откако Загреб со неубедливи изговори летоска реши да се ослободи од својот најдобар стрелец во последните три сезони, европските ракометни гиганти се впуштија во трката по него. Не беше никакво изненадување кога Лазаров објави дека потпишал двегодишен договор со Сиудад Реал, бидејќи е позната неговата амбиција за освојување на Лигата на шампионите. Шпанскиот првак, несомнено, има капацитети за тоа.

3. Андонова во Турбине

Македонскиот женски фудбал годинава доби несекојдневно признание кога прво УЕФА ја прогласи Андонова за најдобар млад играч во Европа за 2010, за веднаш потоа да уследи нејзиниот премин во редовите на актуелниот германски и европски шампион Турбине од Потсдам. Андонова не случајно ја нарекуваат женски Пандев, а омилена занимација и се погодоци од половина терен.

4. Попов во Динамо Киев

Иако досега има настапувано за екипи како АЕК, Црвена звезда и Херенвен, репрезентативниот лев бек го оствари трансферот на кариерата кога во јуни ја замени Холандија за славниот украински клуб Динамо Киев, со кој потпиша петгодишен договор. Само поради повреди, високиот струмичанец не се изнаигра оваа есен покрај Андриј Шевченко.

5. Ибраими во Шалке

Две недели откако му беше доделена титулата најдобар фудбалер на Македонија за минатата година, 24-годишниот напаѓач го напушти идниот шампион Ренова и се пресели во Шалке. Во Бундеслигата забележа само два настапи, по што тренерот Феликс Магат го прекомандува во резервниот тим, инаку, четвртолигаш. Иднината на Ибраими во Шалке сега е неизвесна.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 18.Декември.2010 во 14:58

ТОП 5 МАКЕДОНСКИ ТАЛЕНТИ ВО ДРУГИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ

Да можеше Македонија да смета на сите таленти кои потекнуваат од овие простори, можеби, денес ќе беше и велесила во некои спортови. Но, логично е државите во коишто тие се родени и пораснати да полагаат право на нив, па денес среќаваме познати презимиња во голем број странски репрезентации. Можеби, не можеме да ги сметаме за наши, но смееме да се радуваме на нивните успеси.

1. Бојана Јовановски

Тинејџерката од Белград, која на 31 декември ќе наполни 19 години, е треторангираната Србинка на ВТА-листата, надоврзувајќи се на неверојатниот подем на нашиот северен сосед во тенисот. Јовановски се наоѓа на 71. место во завршниот ранкинг за 2010 година, како најмлада тенисерка во топ-100. Покрај тоа што веќе е членка на Фед куп тимот на Србија, таа сезонава дебитираше на ВТА-турнејата, но и на Вимблдон.

2. Пајтим Касами

Родениот стружанец беше член на репрезентацијата на Швајцарија која изненадувачки го освои Светското првенство за фудбалери до 17 години, што се одржа лани во Нигерија. Овој 18-годишен играч од средниот ред ја почна кариерата во Винтертур, па преку Грасхоперс и Ливерпул стигна до Серија А. Таму го доведе Лацио, но Палермо беше тимот кој му овозможи да дебитира на стартот на оваа сезона.

3. Александар Угриноски

Дваесет и двегодишниот плејмејкер потекнува од Скопје, но фактот што порасна во Хрватска му овозможи да го облече дресот на младите национални селекции на оваа земја, што, пак, беше препорака за двете тамошни најдобри кошаркарски екипи, Цибона и Сплит. Сепак, кариерата ја продолжи во Работнички, Вардар осигурување и Рилски спортист (Бугарија), а сега се обидува да успее во Италија.

4. Александар Игњовски

Уште еден фудбалски талент за кој Македонија се бори со друга држава, во случајов Србија. Игњовски (19) е роден во Белград, настапува во среден ред, а фудбалски потекнува од школата на ОФК Београд. Но, штом наполни 18 години, замина на заем во германскиот второлигаш 1860 Минхен. Засега се уште има можност да ја избере Македонија, бидејќи има само два настапи за младата селекција на Србија.

5. Мирослава Најдановски

Пливачката од Зрењанин (Србија) имаше само 16 години кога настапи на Олимписките игри 2004 во Атина, а четири години подоцна беше дел од српската репрезентација и на Игрите во Пекинг. Дваесет и двегодишната Најдановски го оствари најголемиот успех во својата кариера лани, кога триумфираше на 100 метри слободно на Медитеранските игри во Пескара.


Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 13.Декември.2010 во 06:25

ТОП-5 македонски спортски ќелавковци


НБА-имиџ во секој поглед. - Перо Антиќ


Одбојкарска легенда. - Жарко Ристоски


Упорно игнориран од македонските селектори. - Ндерим Неџипи како капитен на Работнички


Еден од најмладите тренери во Првата фудбалска лига. - Жикица Тасевски (Металург)


Херој на финалето на Купот во 2005 г. - Бруно Пресилски во дресот на Башкими

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 05.Декември.2010 во 00:06

ТОП-5 НЕОБИЧНИ ИНЦИДЕНТИ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ

На спортските терени низ Македонија се уште не се случило да се стрча егзибиционист од типот на Џими Џамп, па како најнеобичен виновник за прекин на еден натпревар останува маглата на дуелот помеѓу нашата фудбалска репрезентација и Унгарија во Скопје. Бизарни, опасни или сеирџиски, ваквите инциденти секогаш се непредвидливи и непосакувани за домаќините, а, на крајот, од нив најчесто и најмногу трпат самите спортисти.

1. Фени-Работнички

Инциденти на нашите кошаркарски терени веќе стануваат секојдневие, но тие никогаш не биле поблиску до трагедија како на неодамнешното дерби помеѓу Фени индустри и Работнички во Кавадарци. Бегајќи од полициски палки, петмина навивачи од Скопје беа повредени, при што еден скрши нога, кога под нивна тежина се урна долниот дел од трибината во салата "Јасмин". И среќа што тоа не се случи погоре на трибината.

2. Македонија-Нигерија

Натпреварот на тогашниот Градски стадион во Скопје само што беше почнат, кога го покри мрак. По само десет минути игра, во ист момент откажаа сите рефлектори на стадионот, па средбата беше прекината. Речиси половина час траеја напорите да се отстрани дефектот и да се поврати осветлувањето и дуелот, сепак, го дочека својот регуларен крај.

3. Никол ферт-МЗТ Скопје

Првото издание на кошаркарскиот Суперкуп, чиј домаќин беше Гостивар во 2000 година, беше одложено за еден ден, бидејќи играчите претераа со загревањето. Пред почетокот на средбата, при едно тренинг-забивање, се скрши таблата на еден од кошевите. Домаќините немаа резервна табла, па штетата не можеше веднаш да се поправи. Победникот беше добиен наредната вечер.

4. Пелистер-Лемго

Полуфинале на Купот на победниците на куповите во 1995 година, Битола беше во очекување на најважниот натпревар во историјата на градот. Во салата "Младост" немаше каде игла да падне и првото што попушти, уште пред да почне мечот, беше паркетот, кој како да еруптираше. Санацијата беше бргу изведена, на сметка на малото доцнење на почетокот на средбата, а за алатки се фатија и тогашни министри.

5. Вардар-Легија

"Црвено-црните" примија пет гола од Полјаците во Купот на УЕФА во едно од своите најмизерни европски изданија, а на трибините на Градскиот стадион во Скопје беше опасно како никогаш порано. Не беа во прашање навивачки нереди, туку на врвот на "Јужна" заискрија каблите за напојување на рефлекторите, кои притоа изгаснаа. Пожар, за среќа, немаше, но дел од публиката се разбега во паника.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 27.Ноември.2010 во 23:26

ТОП 5 КРАТКОТРАЈНИ ФУДБАЛСКИ ХИТОВИ

Се сеќава ли уште некој дека во Првата фудбалска лига на Македонија играле и екипи како Вардарски, Кожуф, Брегалница (Д) и Куманово? Можеби, ама, главно, како екипи на кои таму не им било место. Постои и онаа друга група клубови, кои, исто така, не се задржале долго во одбраното друштво, но барем се потрудиле да остават трага, макар денес звучало тоа како приказни за една сезона.

1. Милано

Во три сезони, колку што беа членови на прволигашкото друштво, кумановци двапати беа вицешампиони, а во 2008 година стигнаа и до финалето на Купот. Колата тргна надолу кога контроверзниот газда заврши зад решетки, па без финансиер, клубот немаше пари ниту да плати котизација за настап во сезоната 2009/10 и се откажа и од Втората лига. Денес е третолигаш.

2. Балкан

Тимот од Чаир влезе во Првата македонска лига од Втората ексју лига и во првите две сезони од осамостојувањето го оправдуваше статусот на една од нашите најдобри екипи, завршувајќи на третото место две години по ред. Во годините што следеа, Балкан константно назадуваше, се до сезоната 1998/99, кога за последен пат беше виден во елитата. Денес не опстојува.

3. Башкими

Уште еден кумановски прволигаш со краток век на успешност. Башкими одигра пет полни сезони во најдобрата македонска лига, при што највисоко успеа да се искачи до шестото место во 2005 година, кога се закити со единствениот трофеј во својата историја, Купот. Ја почна и шестата сезона, но се откажа по неколку кола поради беспарица. Денес не се натпреварува.

4. Маџари солидарност

Клубот од скопската населба Маџари доживеа ѕвездени моменти, па го допре дното во рок од две сезони во Првата лига. На своето деби во 2003/04 г. се пласираше на шестото место, а веќе следната пакуваше куфери за враќање во второлигашката конк*ренција. За малку ќе понесеше и еден трофеј, но загуби во финалето на Купот од Башкими. Денес му прави друштво на Милано во Третата лига-Север.

5. Скопје

Тимот од Автокоманда беше апсолутен хит на есенскиот дел од сезоната 1997/98, кога напредуваше од тазе прволигаш до второто место на табелата. На крајот на истото првенство спасуваше жива глава, па во последното коло се избори за уште една сезона во елитата. А, тоа траеше токму толку - само уште една сезона. На Скопје потоа му требаа 11 години да заигра повторно во Првата лига.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Ноември.2010 во 12:40

ТОП 5 КРАТКИ СЕЛЕКТОРСКИ АНГАЖМАНИ

Африканските репрезентации летоска на СП во Јужна Африка воведоа пракса на еднократно ангажирање реномирани селектори, очекувајќи успех и врвни резултати преку ноќ. Иако тоа е најпримамливата функција за тренерската фела во секој спорт и ретко кој би се осмелил да ја одбие, тука може многу да се добие, но и уште повеќе да се загуби. Така, и во македонскиот спорт има примери на тренери за кои тоа бил само краткотраен излет.

1. Цане Крстевски

Тоа буквално беше викенд-селекторски ангажман за битолчанецот. Драган Здравковски поднесе оставка, а македонските ракометни терени беа суспендирани на една година поради случајот "Прокоп", па двомечот со Исланд во рамките на баражот за СП 2001 моравме да го играме на гости. РФМ му ја довери невозможната задача на Крстевски, кој остана на тие две средби како селектор.

2. Ѓоко Хаџиевски

Првиот македонски тренер кој бил селектор на две различни фудбалски репрезентации. И додека се уште се води како најуспешен предводник на Македонија, од Хаџиевски не се бараа големи амбиции кога му беше доверено да го води Азербејџан во завршницата на квалификациите за ЕП 2008. Поточно, по оставката на неговиот претходник, тој само требаше да ги одработи последните два натпревара.

3. Стојан Петрушевски

Златната резерва на претседателот на Вардар Михајло Михајловски уште еднаш беше повикана на помош кога машката ракометна репрезентација непредвидено остана без селектор пред стартот на квалификациите за ЕП 2006. Во текот на едномесечниот ангажман, Петрушевски имаше обврска да ја одведе селекцијата до баражот, а потоа беше заменет со Зоран Живковиќ-Тута.

4. Љубомир Мечкиќ

Прославениот српски тренер раководеше со втората фаза од амбициозниот проект на подем на македонското ватерполо и дојде на готово, кога веќе имавме обезбедено пласман на ЕП 2008 во Малага. Сепак, тој си ја исполни целта и со осмото место на првенството, Македонија следната година играше и на СП во Рим. Неговиот ангажман заврши со ова ЕП.

5. Слободан Сантрач

Првиот странец на кормилото на нашиот фудбалски национален тим ќе остане запаметен и како најнеуспешен и најкраткотраен досега. Србинот издржа на оваа функција едвај пет месеци и за тој период оствари скор од една победа и три порази, почнувајќи ги квалификациите за СП 2006. Ненадејно реши да се повлече летото 2004 година, образложувајќи го тоа со семејни причини.


Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 17.Ноември.2010 во 14:34
Среда, 17 Ноември 2010 13:47
Share

Порталот Goal.com објави своја листа на најголемите фудбалски ривалства, во првите десет се најде и ривалството помеѓу Хрватска и Србија, со образложение дека тоа има слаба врска со фудбалот.

 

Србија и Хрватска најдоа место помеѓу првите десет најголеми ривалства во светскиот фудбал. Овој портал констатира дека таа омразеност која постои одамна, успешно се пренесува и врз другите спортови како тенисот, ракометот, кошарката и ватерполото.

Завршниот коментар на Goal.com за ова дерби е дека, ако се гледа од политички аспект, веројатно ова е најголемо ривалство во светот на фудбалот, ривалство кое може да се сретне во сите сфери, а најмалку во спортот.

Во Топ 10 место најдоа и следниве дуели:

Бразил – Аргентина

Двете најголеми јужноамерикански нации изградија меѓусебно ривалство кое секогаш е на највисоко ниво и никогаш нивните дуели не се пријателски.

Англија – Шкотска

Шкотите секогаш ги гледаат Англичаните како вечни непријатели, голем удел во тоа има политиката и историјата помеѓу двете земји, а јавна тајна е дека „Тартан армијата“ секогаш навива против Англија на големите натпреварувања.

Jапонија – Јужна Кореја

Двете најголеми сили на истокот на Азија ова ривалство го именуваат како „Ханелион“, термин што ги означува сите спортски дуели помеѓу двете земји.

Алжир – Египет

Мечевите помеѓу овие две репрезентации неизбежно се проследени со насилство, а неретко и самите играчи се инволвирани во пресметките.

Холандија – Германија

Ова според Goal.com е најголемото европско дерби. Омразеноста која Холанѓаните ја имаат кон Германците еволуирала и од отворено непријателство прераснала во софистициран презир. Победите над Германија во Холандија дури се опеани дури и во посебни песни.

Салвадор – Хондурас

Ривалството помеѓу овие две земји е едно од најголемите во Јужна Америка и многу често било сцена на крвопролевања.

Португалија – Шпанија

Едно од ретките ривалства кое е поврзано само со фудбалот, Португалија и Шпанија се пријателски земји, основа на таа фудбалска омразеност е мислењето на двете земји дека подобро играат фудбал од својот сосед.

Иран – Саудиска Арабија

Непријателството помеѓу двете репрезентации на овие земји е од чисто политички причини кои скоро секогаш се пренесуваат на теренот.

САД – Мексико

Ова е најновото ривалство во светот на фубалот, поради тоа што Мексико беше доминантен во минатиот век. Растот на ова непријателство започна на СП 2002. година кога Американците стигнаа до полуфиналето и Мексиканците мораа да се соочат со фактот дека не се веќе суверен фудбалски господар на Северна и Средна Америка.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 14.Ноември.2010 во 05:05

ТОП 5 НОВОПЕЧЕНИ ТРЕНЕРИ

Помладите генерации цел живот ги знаат Фабио Капело и Џовани Трапатони како врвни тренери, можеби, и не знаејќи дека на тоа му претходеше подеднакво успешна играчка кариера. Во поново време, сме сведоци на иста ваква трансформација кај Пеп Гвардиола, Франк Рајкард, Карло Анчелоти, Роберто Манчини... Преминот од играч во тренер за некои е толку брз, а за некои и толку успешен, што дури и се надминуваат себеси во новата професија.

1. Емил Рајковиќ

Никогаш ѕвезда, ретко стандарден, овој класичен бек-шутер имаше свои моменти во дресот на Работнички и кога беше избран да го води амбициозниот проект на Фени индустри, тоа се чинеше како преголем залак за тренер без искуство. Но, Рајковиќ се покажа дораснат на доверениот предизвик и, под негово водство, кавадарчани прераснаа во најдобриот кошаркарски колектив во земјата, потврдено со две шампионски титули.

2. Илчо Ѓорѓиоски

Неговата репрезентативна кариера се сведува на само неколку одиграни минути во прославената победа над Ирска од 3:2 на "Градски", а потоа имаше и трансфер во Турција. Затоа, пак, не можеше да посака подобар почеток на тренерската кариера, откако во својата прва сезона на клупата на еден клуб и ја донесе шампионската титула на Македонија ЃП.

3. Николче Здравески

Иако беше ставен, па симнат од црната листа на УЕФА поради наводното учество во местење, на Здравески не може да му се оспори успешното тренерско деби, обележано со титулата на Победа во 2007 година. Здравески оствари завидна кариера како клупски играч и е еден од последните асови на прилепскиот фудбал, а за националниот тим настапи еднаш, а и тоа не му се брои, бидејќи е од неофицијален натпревар.

4. Звонко Шундовски

Кога пред две години беше именуван за тренер на Металург, тоа му беше првиот ангажман надвор од битолскиот ракомет (читај: Пелистер) воопшто. Иако во подредена улога, металурзи таа сезона неочекувано го освоија Купот, по што Шундовски му ја препушти клупата на Лино Червар. Учејќи го селекторскиот занает како помошник на Вујовиќ и Темелковски, Шундовски денес ја води машката ракометна репрезентација.

5. Тони Јакимоски

Поранешниот дефанзивец на Љуботен, Вардар и Цементарница се избори за единствениот настап во репрезентацијата на пријателски натпревар во финишот на мандатот на Андон Дончевски. Како тренер, го прероди Тетекс: го врати во Првата лига, го предводеше до првиот трофеј (Куп), му обезбеди деби во еврокуповите, а сезонава е и конк*рент за титулата по серијата од 20-ина меча без пораз.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 07.Ноември.2010 во 19:28

ТОП 5 НАЈУСПЕШНИ НЕОЛИМПИСКИ СПОРТОВИ

Атлетиката и пливањето секогаш се исчекуваат со најголем интерес кога ќе почнат олимписки игри, но тоа се спортови во кои Македонија е не епизодист, туку, уште полошо, статист. Исто е и со колективните спортови, во кои уште го чекаме првиот настап на некоја наша репрезентација.
Место тоа, во Македонија владеат некои други спортски херои, за кои ОИ се недостапни, зашто нивниот спорт, едноставно, го нема во програмата.

1. Карате

Иако сакаме да се пофалиме со долгата традиција во боксот и борењето, нашиот најуспешен боречки спорт во моментов е каратето. Тоа се потврди и минатиот викенд, кога Жарко Арсовски освои бронза на Светското првенство во Белград, а, пред него, медал од европски првенства донесоа и Огнен Груевски, Наташа Андонова, Иво Цветковски и Сашко Арсовски.

2. Куглање

Ова е спорт кој не познава возрасни ограничувања. Иако никогаш не ни недостигаа квалитетни куглари, медали во името на Македонија денес освојуваат и Хрвати и Словенци. Борис Бенедик, Дамир Фучкар и Леонарда Мајер се веќе ветерани, а новата генерација ја предводи 20-годишниот Бранко Манев, кој на неодамнешното ЕП во Австрија се закити со две бронзи.

3. Параглајдерство

Центарот на овој атрактивен спорт во државата е Прилеп, односно тамошниот клуб Делта. Оттаму доаѓаат речиси сите претставници на Македонија во Светскиот куп, а најбројни се членовите на семејството Јованоски. Постариот син на селекторот Миле Јованоски, Мартин, беше лидер на светската ранг-листа, што досега не сме го имале во ниту еден друг спорт.

4. Маратонско пливање

Охридскиот маратон, како манифестација од светски углед, беше инспирација за голем број македонски пливачи да се посветат исклучиво на настапи во отворени води. Но, блескавата традиција денес се обидува да ја одржи единствено Евгениј Поп Ацев, кој го наследи Томи Стефановски во Гран при серијата на ФИНА и сезонава за малку не го надмина неговиот севкупен најдобар пласман на петтото место.

5. Кик-бокс

Спорт кој може да исполни која било сала во кое било време. Пред четири години, Скопје беше одличен домаќин на Европското првенство, за потоа Иле Ристески да се врати со бронзен медал од последните две светски првенства. Серијата сјајни настапи беше продолжена и на неодамнешното ЕП во Баку. Во комбинација со ултимејт фајт борби, спектакл секогаш е загарантиран.

Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 02.Ноември.2010 во 16:27

ТОП-5 НАВРЕДИ ВО ФУДБАЛОТ

"Сите можете да ми го попушите"

По повод неодамнешниот вербален инцидент помеѓу напаѓачот на Сампдорија Антонио Касано и претседателот на клубот Рикардо Гароне, "Билд" направи ранкинг од петте најтешки навреди во фудбалскиот свет. Не изненадува пласманот на легендарниот Диего Марадона на врвот на листата, по низата вулгарности кон медиумите и кон останатите колеги, но сепак на чело се најде неговата навреда на сметка на новинарите по квалификацискиот меч за СП во Јужна Африка додека ја предводеше Аргентина.
ТОП-5 НАВРЕДИ:
1. ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНА (новинари) - "Им се заблагодарувам на навивачите и на играчите, но на никој друг. Сите останати можете да ми го попушите... Мене ми е сеедно што ќе напишат тие к*рвински синови.
2. АНТОНИО КАСАНО ( претседателот на Сампдорија) - "Можеш да ме бакнеш во задникот... Да те еб... во уста.
3. МАРКО МАТЕРАЦИ (Зинедин Зидан) - "Помила" ми е твојата к*рва од сестра"
4. РОБИ КИН (Мик Мекарти) - "Ти си еб... лажго! Ти си еб... дркаџија! Не те ценев како играч, не те ценам како тренер, а не те ценам ни како личност. Ти си еб... дркаџија и можеш да си го напикаш Светското првенство во задникот. Единствената причина поради која имам работа со тебе е бидејќи си селектор на мојата земја, иако не си ни Ирец, туку посран Англичанец.
5. НИКОЛА АНЕЛКА (Рајмонд Доменек) - "Да те еб... во уста, валкан к*рвин син!".


Кон врв
емил Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
зависник идивидовски

Регистриран: 11.Август.2009
Статус: Офлајн
Поени: 85186
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај емил Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 30.Октомври.2010 во 18:12

ТОП 5 ПИШМАН-РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

Хрватскиот пливач Дује Драгања крена голем прав кога објави дека ќе настапува под знамето на Катар, за потоа да ја повлече својата одлука. Белорускиот ракометар Сјаргеј Рутенка се откажа од желбата да ги брани боите на Шпанија и се врати во својата матична репрезентација по неколку години играње за Словенија. Спортот навистина нуди необични животни одлуки и избори, како во случајот на овие петмина македонски спортисти.

1. Ока Николов

Стандардниот голман на Ајнтрахт Франкфурт за првпат доби шанса да го облече дресот на македонската репрезентација во времето на Ѓоко Хаџиевски и во период од три години одигра пет пријателски средби. Тој остана на вакви почесни настапи, бидејќи за нешто поофицијално му требаше македонски пасош, што, пак, бараше да се откаже од германското државјанство. Николов не беше подготвен за тоа.

2. Александар Маленко

Од многуте моменти кои ја обележаа неговата колоритна спортска биографија, особено се истакнува епизодата во која нашиот најдобар пливач најавува дека во иднина ќе настапува под знамето на Обединети Арапски Емирати. Тоа едно време ја забавуваше јавноста во периодот кога не се случуваше ништо во неговата кариера. Маленко секогаш знаеше да привлече внимание.

3. Марио Ѓуровски

Како роден белграѓанец, младинец на Црвена звезда и син на легендарниот Милко Ѓуровски, Марио мислеше дека вратите на српската фудбалска репрезентација му се ширум отворени, па смело изјавуваше дека не го интересира друг дрес. Кога увиде дека тоа нема да се случи, ние му го простивме овој излив на непатриотизам и го зедовме кај нас.

4. Кирил Георгиев

Македонската шаховска репрезентација доби големо засилување во велемајсторот Георгиев во пресрет на Олимпијадата на Блед во 2002 година и тоа водеше кон пласманот на одличното осмо место. Наредната година, Георгиев стигна и до четвртото место на ЕП во Истанбул, а потоа, незадоволен од третманот на државата, прифати да игра за селекцијата на Бугарија.

5. Горан Славковски

По потекло Македонец, по земја на раѓање Швеѓанец, младиот голгетер беше во дилема за чија репрезентација да игра и ова дополнително се искомплицира кога во целата приказна, по непознати канали, се вмеша и Хрватска. Славковски спектакуларно ја избра Македонија, за потоа да го одложува своето деби. На крајот, одигра три средби за младата селекција и прашање е што добивме со него.


Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1234>
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,250 секунди.