Синтеза на СРЕЌАТА
Еднаш
годишно, најчесто во Monterey, California, се одржува TED
конференцијата. TED е акроним од Technology, Entertainment, Design. TED
настана 1984 година со учесници од категориите содржани во името, но
денес, опфатени се далеку поголем број на бизнис категории. Тоа, како и
фактот што на таа конференција земаат учество најголемите умови на
денешницата од речиси секој аспект на модерниот живот, бизнис и наука,
ја прават TED конференцијата настан од планетарно значење.
За
овој пост, се одлучив да ви пренесам дел од излагањето на професорот по
Психологија на Харвард, Др. Тед Гилберт на TED конференцијата од 2004
година. Патем, секој излагач на TED е ограничен на 18 минути и
презентациите се одвиваат во крајно релаксирана атмосфера.
Тезата која Тед Гилберт ја постави и ја поткрепи со резултатите од неколку испитувања е дека човекот има способност да ја синтетизира среќата.
Еден од главните столбови врз кои се потпира оваа способност е всушност
способноста на човекот, единствена во живиот свет, да ја симулира иднината.
Имено, за разлика од било кој од нашите предци од животинскиот свет,
ние имаме способност да ја живееме иднината во нашата имагинација и да
доживуваме „верзија“ на настани кои се уште не се случиле.
Тед
Гилберт, на присутниот аудиториум им поставува прашање, за кое воопшто
не е потребно размислување: Која иднина попрво би ја одбрал, да добиеш
340.000.000 долари на лотарија или да станеш параплегичар и остатокот
на животот да го поминеш во инвалидска количка. Откако се смирува
џагорот и смеењето во публиката, Тед Гилберт нуди вчудоневидувачки податоци од
испитувања кои кажуваат дека само една година после настанот,
добитниците на лотарија и параплегичарите во просек се еднакво среќни.
Се разбира, среќата е нешто што не може квалификувано да се измери, па
истражувањето мора да се потпира на субјективните искази на
испитаниците. Но, тие покажуваат дека голем број на луѓе дури и после
големи животни трауми, после само 3-4 месеци се со „ниво“ на среќа како
и пред настанот.
Зошто? Тед Гилберт вели дека тоа е заради способноста на човекот да ја синтетизира среќата.
„Јас
сум најсреќниот човек на земјата. Го поседувам она што е потребно да ја
претвори сиромаштијата во богатство, несреќата во просперитет и имам
помалку ранливи места од Ахил. “
- Томас Браун, Religio Medici, 1642
Дали таа „опрема“ ја поседувал само Томас Браун во 17. век? Не, тоа го
поседува секој од нас. Човекот поседува нешто што се нарекува
психолошки имунолошки систем. Тој систем, составен од когнитивни
процеси, претежно несвесни, ни помага да го промениме начинот на кој
гледаме на работите и да се чувствуваме подобро во врска со истите.
Но, човекот е скептично суштество и многумина би помислиле дека и покрај се, квалитетот на
среќата на оние со негативни животни искуства и оние со пријатни, после
извесно време не е ист дека среќата на вторите е по природна од оние
кои имале трауматични животни искуства.
Но, Тед Гилберт нуди
резултати од испитувања кои не одат во прилог на таа претпоставка.
Првите се базираат на модел на испитување познато во Бихејвиоризмот
како Free Choice Paradigm.
Во тоа испитување, од испитаникот
се бара да подреди од најубава до најмалку убава 6 слики-репродукции од
Claude Monet. Откако ќе го стори тоа, му се кажува дека од резервите на
репродукции ќе му биде дадена како подарок една и дека „случајно“ може
да избере една од двете рангирано како трета, односно четврта.
Нормално, ако веќе не може да ја одбере онаа под бр. 1, испитаникот
тежнее да ја одбере онаа рангирана како трета.
После извесно време, не е важно дали 15 минути или 15 дена, од испитаникот се повторно да
изврши рангирање на сликите. Во најголем број случаи изборот не е ист и
повторно, во најголем број случаи, претходниот избор бр. 3 оди на место
бр. 2, а претходниот избор бр. 4 си го заменува местото со бр. 5.
Рангирањето на бр. 1 и бр. 6 останува непроменето. Што ни зборува тоа?
На испитаникот сега уште повеќе му се допаѓа неговиот избор, а уште помалку му се допаѓа изборот кој не го сторил. Тој почнува да ја синтетизира среќата во новите, променети околности.
Истиот овој експеримент со кој Тед Гилберт ја поткрепува тезата човековата способност за синтеза на среќата
е направен и со група на хоспитализирани субјекти кои страдале од
амнезија од различно потекло, но сите со неспособност за сеќавање
подолго од неколку минути. На пациентите им било кажувано дека изборот
(бр. 3) ќе им биде испратен по пошта.
Кога после само 30-на
минути испитувачите влегувале да го повторат испитувањето,
испитаниците, се разбира, воопшто не се сеќавале на првиот круг на
испитување.
Кога на „нормален“ човек ќе му се даде повторен
избор, тој, како што видовме, најчесто ќе го фаворизира претходниот
избор, но оние кои страдаат од амнезија ја немаат таа можност. Тие
можат само да погодуваат кој бил нивниот претходен избор. Во такви
случаи, процентот на успех би бил некаде околу 50-на %. Но,
истражувањето покажало поинакви резултати, дека % на совпаѓање на
резултатите од испитувањето на „нормални“ и „заборавни“ е огромен,
односно, добиени се слични резултати. Заборавните иако „не знаат“ дека
поседуваат конкретна слика и иако со евидентен хендикеп, ја
претпоставуваа не само својата мината реакција, туку се проектираат во
иднината и почнуваат да синтетизираат среќа СЕГА и ОВДЕ и со таа своја (ре)акција, тие влијаат на идни настани, во случајов илустрирани преку резултатите од испитувањето.
Замислете, ако постои ваква способност на човековиот ум несвесно да
влијае на нивото на сопствена среќа, каде би била границата ако
стекнеме способност СВЕСНО да креираме ментални и пред се, емоционални
состојби? По мое скромно убедување, граници не постојат, човекот во
таков случај се препознава како она што е, безгранично, креативно битие кое е ко-креатор на животот, а никако негов производ.
Патем ја забележувате ли поврзаноста на Набљудувачот влијае врз набљудуваното (види тука), напис кој се однесување на Квантната Механика,
илустриран преку познатиот Double Slit Experiment и оваа теза на Др.
Тед Гилберт?
Патем, своето излагање на TED конференцијата, Др. Гилберт го поткрепи со уште неколку експерименти кои не се тука опфатени.
Заклучок: Човекот отсекогаш поседувал алатки и способности за прилагодување, унапредување
не само на своите ментално-емоционални состојби, туку и за промена на
животните околности, преку едноставна промена на перспективата, која
пак, овозможува ослободување на голем квантум на ментална енергија која
за жал, пречесто останува врзана за настани од минатото врз кои не може
да се влијае. Ако не можеме да го промениме тоа што се случило, не
постои никакво оправдување да не го промениме начинот на кој гледаме на
тоа!
„Разликата
помеѓу големите луѓе и другите што големите го креираат својот живот
активно, додека другите се креирани од сопствениот живот и пасивно
исчекуваат што тој следно ќе им приреди. Разликата помеѓу нив е
разликата во квалитетот на полн живот и просто егзистирање.“
- Michael E. Gerber
На овој линк (http://praxis.interconn-ubs.net/Newsletter/2007.10.04.html), покрај online верзија на Newsletter-от PRAXIS, можете да прочитате уште еден дел од книгата (се уште не објавена) Петта Димензија, Нова Парадигма за Животот.
Во него е прикажана фасцинантната животна приказна на W. Mitchel,
приказна поучна за сите оние кои сметаат дека во животот недостасуваат
ресурси, дека се „казнети“ со недостаток на способности, образование,
убавина, родителска љубов, пари или било што друго што ги спречува да
постигнат повеќе...
До читање!
© Митко Керамитчиев