Интервју со Јелко Кацин, европратеник од Словенија
Цитати од интервју бр.1:
ЕУ има механизми за санкционирање на неевропското однесување на Грција поради забраната за прелети на МАТ и нападите врз македонските превозници.
Официјална Атина се правдала со поведување на истрага за случаите, но според европратеникот од Словенија, Јелко Кацин, Грција нема да може да ја избегне казната.
„Да, постојат механизми. Грција ќе биде повикана, бидејќи апсолутно е неприфатливо забрана за влегување и надлетување на грчкиот воздушен простор, што е надвор од умот и сите европски стандарди“, изјави Јелко Кацин, европратеник од Словенија.
Грција ги прекршила правилата и со самоиницијативното вметнување на терминот „славомакедонски јазик“ во извештајот на Европарламентот за напредокот на Македонија.
Ваквото лобирање на Грција е овозможено и од неприсуството на македонски официјални претставници, смета Кацин, изразувајќи жалење што на заедничкиот состанок на европскиот и парламентите од Западен Балкан во понеделник нема да присуствува само Македонија.
„Што и да се случува околу името на државата, јазикот е основа на културата, а културата е основа на државата. Значи, службен јазик на ЕУ, кога Македонија ќе влезе во ЕУ, ќе биде македонскиот“, додаде Јелко Кацин.
Покрај Грција, и Бугарија ќе мора како европска држава да расчисти некои работи околу културата и историјата на Македонија, вели словенечкиот европратеник, според кого, Македонија не го искористи словенечкото претседателство со ЕУ за да добие датум за преговори.
Но и Унијата направи неправда кога Македонија и Србија ги става на исто ниво за укинување на визите, иако Македонија има направено повеќе за исполнување на условите, оценува Кацин, кој овие денови престојува во земјава како гостин на ЛДП.
Цитати од Интервју Бр.2:
*Дали името на Македонија ќе биде услов за влез во Европската Унија, како што тоа се случи со членството во НАТО на самитот во Бук*решт?
Се плашам дека ќе биде. Затоа, потребен е некој компромисен договор, кој и на Грција ќе и‘ помогне да се извлече од ситуацијата во која сега се најде. Но, треба да се вложи многу повеќе позитивна енергија во наоѓањето на излез од оваа моментна блокада. Јас, како член на Европскиот парламент, можам одговорно да тврдам дека не беше направено доволно и дека, на некој начин, ширењето на НАТО му беше препуштено на НАТО, па се очекуваше дека САД и сојузниците ќе бидат способни сами да го надминат тој проблем. Но, се гледа дека тоа прашање е многу емотивно за двете страни, дека тоа прашање е последица на жешкото медитеранско сонце и на вжештени глави. Едноставно, тие глави треба да се оладат и да се најде решение на начин на кој никој нема да биде ставен во незгодна ситуација. Значи, нам решението ни е потребно сега. За жал, сега не може да се најде тоа решение, бидејќи кај вас претстојат предвремени избори, во тек е предизборната кампања. Преговарачите не ги одржуваат своите средби, а медијаторот Нимиц нема што да модерира и јас едноставно се надевам дека идната коалиција ќе биде во состојба брзо да формира Влада и да се започне со тој нов круг на барање на излез. Но, мислам дека и француското претседавање со Европската Унија ќе мора нешто да стори. Дојде време ЕУ непосредно и интензивно, со целосна одговорност, да се ангажира да се надмине моменталната состојба.
*Мислите ли дека непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија исто така може да биде пречка за влезот на Македонија во ЕУ?
Редовно разговарам со бугарските колеги и можам да ви кажам дека јазиците можат да бидат слични, но дека не се исти. Постојат, разлики, има различни начини на изразување. Како што од една страна го имаме српскиот, а од друга страна хрватскиот јазик, така имаме и бугарски и македонски јазик. Бугарија не ја гледам како проблем на патот за почеток на преговори за евроинтеграциите, ниту пак Бугарија до сега била проблем на патот кон НАТО интеграциите на Македонија.
*Во кој дел Македонија најмногу заостанува во евроинтеграциите?
Отворено можам да ви кажам, а тоа стои и во извештаите за напредокот на Македонија, таа со својата волја или со својата неспособност загуби две години. Пред се‘, се занимаваше самата со себе, имаше внатрешно пресметување помеѓу партиските конк*ренти, и кај едната и кај другата националност. Дури неодамна дојде до формирање на Национален совет за евроинтеграции, на чие чело застана опозицијата, поточно Радмила Шекеринска. Дури тогаш Македонија ја покажа својата зрелост, но за жал тоа се случи дури на крајот на минатата година. Значи, две години беа залудно потрошени. Затоа, тешко е се‘ да се надомести, тешко е се‘ да се организира. Затоа говорам за тоа дека се надевам дека нема и овие избори повторно да го одложат почетокот на поголемо ангажирање на Македонија. Не на владејачката коалиција, туку на Македонија, бидејќи кога говориме за безвизен режим, тој не им се дава на симпатизерите на власта, туку на сите граѓани. Цела Македонија, од власта и од опозицијата, ќе дојде во ЕУ кога ќе ги исполни тие предуслови.
*Зошто Македонија почна да заостанува во регионот за визно олеснување и кога македонските граѓани можат да очекуваат целосна либерализација на визниот режим со земјите членки на ЕУ?
Што се однесува до визниот режим, јас мислам дека Македонија е многу добро организирана и подготвена. Сосема е реално да се каже дека 2008 е последната година во која македонските граѓани се‘ уште мораат да бараат визи за да патуваат во ЕУ.
*Дали во ЕУ е презентиран Бук*решкиот мировен договор од 1913 година, според кој 51 отсто од тогашната територија на Македонија и‘ е доделен на Грција и што станува со имотите на Македонците таму?
Што се однесува до тие историски проблеми, јас мислам дека ќе дојде време кога соседите ќе мораат да го отворат прашањето на своите неисполнети обврски, по сегашни, европски стандарди. Да кажеме, Турција се‘ уште не сака да го признае геноцидот врз Ерменците, но тоа ќе се случи. Турскиот дел на Кипар се‘ уште не е во ЕУ, но тоа ќе го оствариме. И таму станува збор за тоа како тој проблем бил решен пред 40 години, Кипар да биде етнички исчистен, па од јужниот дел ги протерале Турците, а од северниот дел ги протерале Грците. И тие ги изгубиле своите имоти.
Сега, по толку долг период, тешко е да се изврши враќање на тие имоти. Тој процес е наречен реституција, тоа е еден многу деликатен процес. Но, секако, треба да дојде до надомест за изгубеното земјиште. Или, ако земјиштето е во државна сопственост или на некој начин е достапно, може и да им биде вратено. Но, тоа е прашање меѓу две држави, кои во интерес на добрососедските односи и градењето на доверба помеѓу државите и граѓаните, мораат да ги бранат основните човекови права. Правото на имот и барањето имотот да го гарантира правната држава е едно од основните човекови права во ЕУ. Бидејќи Грција веќе е членка на ЕУ, а Македонија се приближува, тоа е предизвик за двете држави и за двете Влади.
*Што прави ЕУ во однос на признавањето на македонското малцинство во Грција и во Бугарија и ќе преземе ли нешто за да им го овозможи правото да си регистрираат своите политички партии?
Што се однесува до заштитата на малцинствата, тоа пред се‘ е одговорност на македонската Влада. Јас мислам дека во овој момент најважно е пред се‘ да се деблокира приближувањето кон ЕУ, а кога тоа ќе биде остварено, мислам дека ќе биде време за изградба на меѓусебна доверба и отворена расправа за сите останати чувствителни прашања во односите меѓу државите и за правата на државјаните во одделни држави. Малцинствата секогаш се богатство, секогаш се во предност, секогаш овозможуваат непосредно комуницирање, познавајќи го јазикот и културата. А оваа 2008 година е година на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог. Значи, во двата случаи говориме за православно, автохтоно население, говориме за меѓусебна доверба, меѓусебно почитување. Во тој правец треба да се работи на индивидуално ниво, па и на ниво на одделни држави, добри соседи.
И после некој ќе ми рече дека некој друг ни е крив....ма ајде!!!