Единаесет големи, средни и мали претпријатија денеска од Министерството за економија добија национална награда за општествена одговорност за проекти спроведени во 2010 година преку кои покажале позитивни практики на општествено одговорно делување во пет категории, а 26 беа наградени со плакета за постигнување во таа област.
Наградените се избрани во конк*ренција на 63 проекти од 38 компании, доставени на конк*рсот што го распиша Министерството за економија, преку проектот „Општествена одговорност на претпријатијата во Македонија“, кофинансиран од Европската унија.
Кај големите претпријатија, награда во категоријата односи со вработените добија Македонски телеком и Т-Мобиле Македонија за проектот „САП Модул“ и Џонсон контролс Македонија за „Зголемување на задоволството на вработените“, а кај малите и средните претпријатија таа награда не беше доделена. Во категоријата етичко управување кај големите фирми наградата му припадна на Алкалоид АД Скопје за проектот „FriWild стандард - круна на 75 годишна традиција на високи вредности“, а кај малите и средните претпријатија Фармахем Скопје за проектот „Транспарнетност на менаџментот и вклученост на вработените во носење одлуки“.
Стручното жири за категоријата однос со добавувачи и потрошувачи ги награди Фени индустри АД за проектот „Транспранетни и фер набавки“, како и Дониа ДООО за „Е - истражување на пазар. Во категоријата животна средина наградени се Цементарница УСЈЕ АД за „Биодиверзитет на вештачките езерца„ и „Адора инжинеринг ДООЕЛ за „Заедно ја градиме иднината“. Најдобра општествена одговорност преку вложување во заедницата практицирале АД Електрани на Македонија со проектот „Декларација за општествена одговроност/ донација на оперативен микроскоп за уво, нос и грло“ и Македонски телеком АД за „5 Радио драми“, како и ТТК Банка АД за проектот „ТТК Банка во поддршка на заедницата“.
Плакети за постигнувања во општествената одговорност кај големите фирми добија Цементарница УСЈЕ за проектот „Безбедност и здравје за нашите вработени“ , ЕВН Македонија АД за проектот „Едукација на корисниците за енергетска ефиканост“, како и Пивара Скопје, Фени Индустри, Прокредит Банка.......
Министерот за економија Ваљон Сарачини на доделувањето на наградите истакна дека за промоцијата на концептот на општествената одговорност се повеќе има интерес и на македонско тло, не само кај деловните субјекти, туку и кај јавниот и граѓанскиот сектор, пошироката јавност и медиумите. - Токму притисоците од страна на медиумите и граѓанскиот сектор ќе бидат еден од клучните елементи во поинтензивното практикување на општествената одговорност. Покрај ова, дел од практиките ќе доаѓаат или веќе доаѓаат од мултинационалните компании кои го прошируваат својот бизнис во Македонија, рече Сарачини.
Тој им порача на компаниите да се воздигнат над просечните интереси и приватни амбиции и да инвестираат во заедничкото добро, но притоа да не ја дoживуваат општествената одговорност како наметната однадвор.
- Тоа никако не е концепт само на големите компании кои остваруваат повеќе профит, тоа е концепт на современо живеење и делување, нагласи Сарачини.
Целта на Националната награда за општествена одговорност на претпријатијата е да ги промовира позитивните практики на општествено одговорно делување на претпријатијата во Македонија и да биде поттик за воведување и понатамошно унапредување на општествената одговорност кај фирмите во Македонија.
Министерството за економија го спроведува проектот Општествена одговорност на претрпијатијата во Македонија, во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори и Здружението Конект.